Прилепскиот архив, во присуство на директорот на Државниот архив на Македонија, Емил Крстески и бројни гости, денеска доби нов простор, депо за чување на архивски материјал и планиран простор за Регионален центар за дигитализација.

-Процесот на дигитализација, како Државен архив ќе го започнеме од идната година. Тој ни е приоретет. Ќе се дигитализираат сите архивски материјали и документи кои датирааат од пред векови. Процесот нема да биде кус, но со дигитализацијата ќе се заштитат документите. Овој простор кој го отвораме денес е Регионален и многу значаен – изјави Крстески.

Со новиот простор ќе се овозможи значаен процес за една база на податоци од фондови кои ќе бидат достапни за сите, особено за истражувачите кои се почести посетители во архивот.

-Новиот простор од 200 метри квадратни е со посебна намена за депо и Регионален центар за дигитализација. Новото депо опремено според светските стандарди ќе ни овозможи да се заштити и чува архивски материјал кој се создава од тековното работење на државните и јавни институции, приватни фондови, збирки и останатата документација која е од посебен интерес за државата. Новиот простор ќе има функција на трезор со неисцрпни информации за минатото, сегашноста и иднината за македонската историја и култура и етничките народи кои живеат на овој простор. Како дел од Државниот архив воедно сме и сервис на граѓаните за нивни потреби. Веруваме дека отвореноста на архивот повеќе ќе ја заинтересира пошироката јавност да придонесат да ја збогатиме нашата ризница, посебно граѓаните да ги охрабриме, за да ги збогатиме фондовите со нивната лична и семејна документација – изјави раководителот Елена Чагороска.

Прилепскиот архив развојниот пат и дејствувањето го започнува во 1955 година како Градски архив при Народниот одбор на општина Прилеп. Во 1963 година го променува називот во Историски архив – Прилеп, а во 1978 година ја проширува надлежноста со општините Крушево и М. Брод, за да конечно во 1991 година престане да функционира како самостојна институција и влезе во состав на Архив на Македонија така што до денес функционира како Одделение– Прилеп во склоп на ДАРСМ. Надлежноста ја има во шест општини: Прилеп, Крушево, М. Брод, Кривогаштани, Долнени и Пласница со единствена стручна методологија на заштита, чување, обработка и користењето на архивскиот материјал и вршење на инспекциски надзор.

Државниот архив – одделение Прилеп изминатите 64 години од постоењето доживеал разни промени, секојпат со цел за остварување на посовремени стандарди, модернизација или неопходност која ќе донесе ефикасност на повеќе полиња, велат наделжните посочувајќи дека се чуваат вкупно 605 фондови и 9 збирки, со најстар документ од 1788 година. Посебно значење имаат Матичната книга на родени од црквата Св. Благовештение со податоци од 1821 година и Матичната книга на родени од с.Слепче од 1860 година.

Има и изложбен простор со постојана поставка со 80 документи, репрезентативни и интересни за јавноста, книги, албуми со фотографии, а најчести посетители се учениците од основните и средните училишта. Располагаат и со читална и библиотека со фонд околу илјада книги.

Ка.М.