На сцената на НУЦК Трајко Прокопиев Куманово, оваа сабота со почеток во 17 часот актерите Никица Јанковски и Матеј Стојковски пред најмладата публика ќе ја одиграат детската претстава „Приказна за една шума“.

Дрвјата се убави, високи, тивки, плодни. Не бараат скоро ништо, а даваат многу, воздух, сенка, плодови, дури и книги, а за многумина и дом. Со еден збор – даваат живот. Актерите во претставата „Приказна за една шума“ ќе ни покажат кој и зошто е подготвен да ги уништи дрвјата, а кој и зошто да ги спаси. Претставата е работена по мотиви од британски бајки и е во режија на двајцата главни актери, а досега беше одиграна во Куманово и еднаш на фестивал во Штип.

– Иако сѐ уште сме во време на пандемија, не смееме да ја запоставиме културата. Културата постојано дише, дури и сега во овие услови. Затоа со неизмерна радост и возбуда ве покануваме на вистинско уживање на нашата претстава. Ќе ни биде големо задоволство да дојдете и да се запознаете со нашите ликови Бувот и Бикот, кои всушност се и симболи на мудроста и тврдоглавоста – вели актерот Јанковски.

Претставата ќе се одржи под сите здравствени протоколи. Драматург е Сашо Костовски, сценографијата е на Крсто Богојевски, а шминката е на Долорес Тарнер. Цена на билет за деца изнесува 50 денари, а за возрасни билетот чини 100 денари.