Во четвртокот, вo француската амбасада во Скопје, на негово барање беше примен сопственикот, директор главен и одговорен уредник на „Битолски весник“, Менде Младеновски.

На средбата Младеновски го запозна амбасадорот Кристијан Тимоние, со предизвиците со кои се соочува најстариот локален печатен медиум во државата, „Битолски весник“ (тираж од 2.000 примероци и портал), кој непрекинато излегува цели 56 години.

По повод средбата на Младеновски со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, со официјално соопштение се огласи и француската амбасада.

– Во четвртокот, директорот и главен и одговорен уредник на весникот „Битолски весник“, Менде Младеновски побара средба со амбасадорот за да ги објасни предизвиците со кои се соочува. Овој локален весник, основан во 1964 година, има посебно место во медиумскиот пејзаж на Северна Македонија. Средбата беше можност да се разговара за тешкотиите со коишто се соочуваат печатените медиуми во новиот контекст и поддршката што ја очекуваат од надлежните органи, како и во европски рамки за да се одбрани плурализмот и слободата на информацијата – се вели во соопштението на француската амбасада. М.М.