Повеќе министри, амбасадори и дипломатски претставници вечерва присуствуваа на приемот за карневалските групи и гости што го приреди градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски и Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал.

– Струмичкиот карневал како повеќевековна традиција е еден од најпрепознатливите културни белези на Струмица, а во последната деценија стана еден од најдобрите карневали во Европа и светот. Тоа не прави среќни и горди, но во исто време ни ги зголемува желбите и амбициите, секое издание на Струмичкиот карневал да биде поуспешно од претходните- рече градоначалникот на Струмица во своето обраќање на приемот.

Присутните карневалски групи и гости ги поздрави и Претседателот на Бордот на Федерацијаа на европските карневалски градови, Ларс Алгел, кој истакна дека повторно се враќа во градот во кој бил пред 25 години и се радува што Струмичкиот карневал од година во година е се поквалитетен и помасовен и е меѓу најдобрите.

По завршувањето на приемот присустните заедно се упатија кон Плоштадот „Гоце Делчев“, каде присуствуваа на Интернационалната карневалска вечер, на која учествуваат околу две илјади лица под маски, распоредени во 47 групи од земјава и странство.