Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во попладневните часови и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од снег на планините и дожд на пониските места. Кон крајот на денот и преку ноќта врнежите ќе преминат во снег и во некои пониски места. Се очекува наместа, особено во западните делови да се формира нова снежна покривка, локално повисока од 10 сантиметри, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Максималната температура ќе биде во интервал од 7 до 16 степени, а во котлините со магла 3 до 8 степени.

Во Скопје, претладне магливо, попладне видливоста ќе се зголеми и ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд. Во текот на ноќта ќе има услови за врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен југоисточен, а кон крајот на денот засилен северен ветер. Температурата ќе биде 8 степени.

Утрово најниска температура од -3 степени е измерена во Скопје-Петровец и Берово,-2 во Тетово, Штип, Демир Капија, -1 во Струмица, Куманово, Скопје, нула во Крива Паланка, Битола, Прилеп, Лазарополе и Скопје Зајчев рид, 2 во Пожране, Маврово, Претор, Тополчани, 3 во Гевгелија, Охрид и Крушево и 4 во Дојран.

Висината на снежната прекривка на Попова Шапка изнесува 19 сантиметри.

Од утре, како што информираат од УХМР, ќе дува засилен северозападен ветер што ќе услови значително опаѓање на дневната температура и расчистување на воздухот. Времето ќе биде променливо облачно и студено со локални врнежи од снег. Наредните денови времето ќе биде стабилно и суво со ниски утрински и дневни температури.