Колку вработените од комуналното претпријатие и да се грижат за редовно одржување на градската чистота во Кичево, сепак, поединечно граѓани не водејќи сметка дека и тие треба да живеат во почист град, често со својот однос придонесуваат хигиената да не биде на посакуваното рамниште. Така, станавме сведоци на еден чин кога преполниот контејнер во близината на Правниот факултет беше турнат во реката и целокупното ѓубре од него беше расфрлано по речното корито.

– Наместо за краток период со нашето специјално возило да ги испразниме контејнерите, сега ни се отвора дополнителна работа растуреното ѓубре од речното корито најпрво да го собереме, а турнатиот контејнер да го извлечеме и да го поставиме на локацијата каде што му е и местото. Но не е ова осамен случај, бидејќи во повеќе наврати од кејот на река Сушица во речното корито често беа фрлани бетонски канти тешки и по педесетина килограми. По овие факти секој разговор на оваа тема е непотребен – истакнаа од градското комунално претпријатие.