Општините Битола, Новаци и Могила во иднина ќе имаат специјализирано ново возило за снабдување на населението со техничка питка вода за пиење. Ова возило е набавено преку проект за прекугранична соработка со Грција. Преку набавката на возилото за техничка вода за пиење, јавното комунално претпријатие „Водовод“ Битола во иднина ќе може да ги опслужува трите општини од Пелагонискиот регион Битола, Могила и Новаци.

– Набавката на цистерната се реализира во рамките на проектот „Заедничка прекугранична соработка за заштита на населението од природни непогоди и катастрофи предизвикани од човечки фактор (Ј-CRОSS)“ кој Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион го имплементира во рамките на Програматата за прекугранична соработка со Грција „Interreg – IPA CBC 2014-2020“ финансиски поддржана од ЕУ и Министерството за локална самоуправа.

– Би сакал да потенцирам дека ова е важно за битолчани и понатаму преку прекуграничните соработки поддржани од ЕУ, партнерски со Грција но и со останатите соседи ќе го подобруваме квалитетот на животот на граѓаните низ целата држава – рече Горан Милевски, министер за локална самоуправа.

Инаку, инвестицијата е во износ од 73.900 евра во кои Министерството за локална самоуправа учествува со 15 отсто, поточно 11.085 евра.

– Покрај оваа активност во рамките на овој проект, Центарот за развој на пелагонискиот плански регион реализира уште безброј други активности за подигнување на свеста на населението со овие природни непогоди, покрај тоа направивме и заеднички прекугранични вежби со партнерите од Грција. Конкретно во Гермијан минатата година беше завршена надоградбата на заштитното корито коешто ќе го штити селото од поројните дождови кои нанесувале во минатото голема штета по имотот на овие жители. На овој начин се реши проблемот со поплавувањето на земјоделското земјиште како и станбените и фармерските објекти во овој дел од регионот кои често се случуваа во изминатите години како последица на поројните дождови и слабиот систем за заштита од поплави. Овој проект е уште еден доказ дека
прекуграничната соработка одлично се интензивира помеѓу нашите две држави и практично и општините, цивилниот сектор и другите институции спремни се да влезат и во третата фаза, и во ИПА 3 која што ќе се имплементира за периодот 2021-2027 година за којашто се предвидени неформално околу 40 милиони евра – изјави Милевски.

Со набавката на современо возило за техничка вода за пиење се покрива потребата од вакво возило при непогоди, се исполнува одредбата од член 10 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води и се зајакнува системот за справување со непогоди на регионот.

На свеченото предавање во употреба на новото возило покрај министерот з алокална самоуправа Горан Милевски присуствува и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, директорот на ЈП Водовод Битола, Горан Козаров, директорот на Центарот за развој на Пелагониски плански регион, Гого Видимче и грчкиот конзул во Битола, Ахилеас Ракинас. М.М.