Општините Битола, Новаци и Могила во иднина ќе имаат специјализирано ново возило за снабдување на населението со техничка пивка вода за пиење. Ова возило, кое деновиве беше промовирано во стопанскиот двор на „Водоводот“ во Битола, е набавено преку проект за прекугранична соработка со Грција.
Преку набавката на возилото за снабдување на населението со техничка вода за пиење, јавното комунално претпријатие „Водовод“ – Битола во иднина ќе може да ги опслужува трите општини од Пелагонискиот Регион – Битола, Могила и Новаци.
– Би сакал да потенцирам дека ова е важно за битолчани и понатаму преку прекуграничните соработки поддржани од ЕУ, партнерски со Грција, но и со преостанатите соседи ќе го подобруваме квалитетот на животот на граѓаните низ целата држава – посочи министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Инвестицијата е во износ од 73.900 евра во кои Министерството за локална самоуправа учествува со 15 отсто, или 11.085 евра. Набавката на цистерната се реализира во рамките на проектот „Заедничка прекугранична соработка за заштита на населението од природни непогоди и катастрофи предизвикани од човечки фактор“, кој Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион го имплементира во рамките на Програмата за прекугранична соработка со Грција Интеррег – ИПА ЦБЦ 2014-2020 финансиски поддржана од ЕУ и од Министерството за локална самоуправа.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, за реализацијата на овој проект кажа дека како претседателка на Пелагонискиот плански регион, ѝ е задоволство што го промовира возилото, кое е од исклучителна важност.

– Ова е возило што овозможува технички исправна вода за пиење во кризни ситуации. Кога на ниво на Пелагонискиот Регион дискутиравме со градоначалниците, апсолутно не постоеше дилема дека ваков проект треба да поддржиме, бидејќи во мирни околности треба да бидеме подготвени за кризни ситуации, за кои би сакала воопшто да немаме потреба да го користиме. Меѓутоа, ова мултифункционално возило нуди и други погодности, кои со успешно менаџирање ни даваат шанса максимално да се експлоатира. Ова е уште еден пример за успешна соработка со Република Грција и она што значат прекуграничните проекти за жителите на двете страни на границата и што значат европските перспективи што локалните и централните политики ги овозможиле – рече градоначалничката Наташа Петровска.
Главна цел на овој проект е заштита на населението од природни непогоди и катастрофи предизвикани од човечкиот фактор. Ова возило е премногу скапо да се купи со сопствени средства, бидејќи нема секојдневна применливост во работата, но има исклучителна примена во кризни ситуации.

– Возилото, покрај вода за пиење во кризни подрачја, е надградено со противпожарен топ, со прскалки што ќе се користат за миење на улиците по одреден дефект, а ќе биде наменето за целиот регион. Со набавката на ова современо возило за техничка вода за пиење се покрива потребата од вакво возило при непогоди и наедно се исполнува одредбата од членот 10 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, а се зајакнува системот за справување со непогоди на регионот.
На свеченото предавање во употреба на новото возило присуствуваше и грчкиот конзул во Битола, Ахилеас Ракинас.