Изградбата на затворениот базен во ОУ „Даме Груев“ која стартуваше во февруари годинава е прекината. На локацијата каде се гради базенот веќе подолго време не само што нема никакви градежни активности, туку повлечени се и сите градежни машини.

Со луѓето со кои разговаравме, а кои живеат во околината на училиштето, бевме информирани дека веќе подолго време воопшто не се работи на базенот, кој според пресметките треба да чини околу 43 милиони денари.

Базенот треба да биде изграден со средства на Владата и Агенцијата за млади и спорт. Треба да има димензии 25 на 10 метри и истиот покрај учениците од основните и средните училишта ќе можат да го користат и другите граѓани.

Инаку, според изјавите на претходниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, базенот требаше да биде изграден за 18 месеци.

Битолчани се плашат и овој базен да не заврши како претходниот кај Техничкото училиште кој почна да се гради во 1994 година, но за жал никогаш не беше изграден. М.М.