КИЧЕВО

Гастарбајтерите се сѐ поприсутни на кичевските улици. Бројот на возила со странски регистарски таблички на сообраќајниците е двојно поголем во споредба со претходно, а оваа бројка ќе биде уште поголема до крајот на оваа недела кога се очекува и последниот бран печалбари. Забележана е и поголема фреквенција и во чаршијата.
– Можноста да ја посетат родната земја печалбарите ја искористија оваа зима, бидејќи ги нема мерките од летото. Зимава без карантин ќе можат да продолжат со сите активности во земјата од каде што доаѓаат и без пауза да тргнат на работа. Токму оваа поволност беше најважната причина што во поголем број зимава се вратија во земјава, а деновиве се очекува да пристигне и последниот бран, кога ќе има поголем број печалбари, кои со автобуси или автомобили ќе пристигнат во државата. Нашите печалбари се претежно од Швајцарија, земја каде што ги има и во најголем број од нашиот регион – вели Неби Бекири, жител на градот.
Присуството на печалбарите покрај блиските роднини најмногу ќе го почувствуваат продавниците низ градот, кои со душа го чекаат враќањето на печалбарите, за да го покријат малиот промет во поголемиот дел од годината. На враќањето на гастарбајтерите ќе му се израдуваат и уличните питачи од градот и дојденците од други градови, за кои печалбарите се познати како граѓани со широка рака и очекуваат нивната дарежливост да им ги стопли џебовите пред празниците што следуваат и да заборават на студот.

Бидејќи свадбарските веселби се забранети, сепак свршувачки со почитување на протоколите нема да изостанат. Печалбарите во земјава ќе останат барем 15 дена, а тие што пристигнале подоцна, ќе останат тука до крајот на втората декада од јануари.
– Свадби и поголеми веселби нема да има поради добро познатите причини, но традиционалните свршувачки што во зима се најзастапени нема да изостанат, се разбира со помал број луѓе и со почитување на протоколите за заштита од ковид-19. Со или без свадби, нашите повремени сограѓани, значително ќе го подигнат прометот на целата трговија и угостителството, што ќе биде мелем на рана во оваа слаба сезона обременета со пандемијата на ковид-19 и накратко ќе го живнат градот, кој поради сѐ поголемото иселување на младите изгледа по малку летаргично – вели младиот Мирсад Б.