Во присуство на претставници од речиси сите месни заедници, како од градот така и од селата, невладини организации, граѓански здруженија и поединци, од страна на вработените на општината и градоначалникот Фатмир Дехари, беше претставен предлог буџетот на Општина Кичево за 2019 година, кој кон крајот на оваа календарска година ќе биде ставен на дневен ред и на Советот на општината.

Градоначалникот Дехари исцрпно и во детали им го предочи на присутните предлог-буџетот за наредната година и им посочи дека општината, како и секогаш, ќе биде транспарентна и отворена за соработка со своите граѓани.

– Како и претходните години така и годинава, на нашите граѓани им го презентиравме предлог-буџетот за наредната календарска година. И покрај сите проблеми со кои се соочувавме во тековното работење, сепак успеавме да ги заокружиме повеќето проекти кои сме ги планирале претходната година, од улици, патишта, водоводи, канализациски мрежи и се она што ќе им го направи поудобен животот на жителите од нашата општина. Нашата замисла граѓаните први да го имаат на увид предлог-буџетот за наредната година, покажува дека целосно сме отворени и транспарентни и секој денар ќе биде потрошен онаму каде што ќе биде и наменет. Од предлозите на граѓаните ќе произлезат и нови проекти кои ќе ги вметнеме во буџетите за наредните години, така со нивна соработка ќе се обидеме да направиме општина за пример -истакна Дехари.

Од страна на присутните беа поставени повеќе прашања во врска со одредени проекти кои би биле од полза за решавање на нивните локални проблеми, што во поголемиот дел беше и прифатено од првиот административец во општината. Дехари во завршницата од своето излагање, сугерираше да се направат споредби во обемот на реализацијата на проектите од неговиот прв мандат и мандатите на неговите претходници. З.А.