Мултидисциплинарен тим на експерти од Институтот за европски образовни, социо-културни и економски политики – Европа за тебе, од Скопје, во соработка и со поддршка од општина Кавадарци, од 21 до 29 март, одржа четири семинари на тема „Превенирање на насилното однесување меѓу учениците во основните и во средните училишта“.

На семинарите беа опфатени 180 наставници од одделенска и предметна настава, професори од средните училишта, како и стручните соработници 7 од основните и 3 од средните учулишта. Семинарите се одржаа во ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ и средното земјоделско шумарско училиште „Ѓорче Петров“.

Поединечните теми во рамките на овие семинари беа фокусирани на: правата на децата, правни, социолошки, психолошки и педагошки аспекти на насилството и малтретирањето во училиштата, психолошки последици од изложеноста на малтретирање и насилство во училиштето и можности за нивно рано препознавање и превенција.

На семинарите наставниците беа запознаени со позитивни практики за намалување на насилството во училиштата како и со наоди од најнови релевантни истражувања спроведени кај нас и пошироко.

Семинарите беа реализирани од страна на реномирани универзитетски професори, од д-р Дејан Мицковиќ, д-р Татјана Стојаноска Иванова, д-р Ана Фрицханд и д-р Елизабета Томевска Илиевска. Обуката имаше интерактивен карактер, со динамична комбинација на теоретски и практични сознанија, со цел да им помогнат на учесниците не само да ги надградат своите знаења за насилствата во училиштата, туку и да разменат искуства од сопствените практики, како и да се стекнат со ефикасни и применливи стратегии за препознавање и интервенција во насилни ситуации кои потенцијлно би можеле да се јават во нивните училишта.

Синоќа во домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци на 180 наставници учесници на семинарите им беа врачени сертификати од страна на градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и претседателката на Институтот Европа за тебе – Скопје Елизабета Томевска Илиевска. Ми.М.