Во центарот на Кичево, со заедничка забава и со маскенбал на учениците од основните училишта и градинките, беше одбележан, Денот на шегата 1 април. Во шаренилото костими најмладите жители на Кичево накратко се претворија во ликови од нивните сништа.

Можеше да се забележат индијанци, каубојци, политичари, пеперутки, балетанки, полицајци и што уште не. Настанот беше збогатен и со забава организирана од страна на аниматор, а тука беше и неизбежниот кловн, со кого повеќето костимирани деца направија заеднички фотографии. Оние најмалите дечиња од градот кои не се во градинка, на оваа забава беа во придружба на нивните баби и дедовци.

-Отсекогаш сум сакала да бидам докторка и еве денес, на први април мојата желба барем накратко ми се исполни- со насмевка рече Симона.

Присутните родители и граѓани беа презадоволни од целокупната организација и масовноста на одбележување на овој ден.

-Ова е убав настан пред многу граѓани и дечиња од училиштата. Разновидните костими и шаренилото на бои оставија преубав впечаток за сите нас. Видливо е дека родителите се потрудиле и направиле костими кои наликуваат како оние од филмското платно- вели Наташа, мајка на две дечиња дел од овој маскенбал.

З.А.