Со пригодни манифестации, полагање цвеќиња од утрово во Прилеп започнаа активностите за одбележување на Трети ноември – Денот на ослободувањето на градот. Притоа утрово во месноста Дабница беше поставен споменикот „Масакрот на Дабница“, кој пред повеќе години беше уништен. Автор на спомен обележјето е академскиот скулптор Сашо Поповски.

Делегации предеводени од градоначалникот Илија Јованоски, од општинскиот совет, од Сојузот на борци, од АРМ, од политичките партии, положија цвеќиња на спомениците на Методија Андонов Ченто, на Кузман Јосифоски – Питу, Могилата на непобедените и месноста Песјобрдце, каде пред 75 години се одвивале борбите за ослободување на градот.

Веднаш по тоа во ЦК „Марко Цепенков“ беше промовирана монографијата „Ченто – биографија низ фотографија“ од авторот Рубинчо Белчески. За книгата говореа ќерката на Ченто, Марија Јакимоска и Слободан Беличански. Воедно беше поставена изложба посветена на Ченто, на која автор е повторно Белчески.

Фотомонографијата „Ченто – биографија низ фотографија“ содржи над 250 фотографии и околу 150 хронолошки подредени настани кои се однесуваат на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ – Методија Андонов Ченто , како за време на неговиот живот, така и после смртта. Во книгата се објавени и голем број на подигнати споменици, спомен обележја и разни уметнички дела посветени на Ченто. Преку книгата се дава целосна слика за неговиот бурен живот, а се поместени и негови најзначајни мисли, изјави и говори.

Активностите за одбележување на празникот продолжуваат вечерва со свечена седница во ЦК „Марко Цепенков“ во 19 часот на која ќе бидат доделени традиционалните награди за остварувања на фирми и поединци во текот на
годината.

Наградата за животно дело ќе му биде врачена на Ѓорши Гешоски за неговиот придонес во развојот и афирмацијата на атлетиката и спортот не само во Прилеп, туку и во Македонија.

Ка.М.