Децата згрижени во објектот „Тетекс“ на градинката „Младост“ во Тетово од септември ќе посетуваат целосно реновирани простории. Станува збор за најголемата реконструкција на градинките, за која ќе бидат потрошени пет милиони денари, пари одвоени од општинскиот буџет.

– Конкретно, се менуваат сите санитарни јазли, секоја занимална ќе има свој санитарен јазол за децата, се реновираат сите простории, се урива сѐ што ни е старо, зашто од 1973 и 1977 година, кога се изградени објектите „Тетекс 1 и 2“, ова е најголема реконструкција или инвестиција. Истовремено, ќе се поставуваат лед-светилки низ сите објекти, ќе се менуваат плочките и дотраениот паркет, така што пред септември градинката ќе биде со комплетен нов внатрешен изглед – вели Рамие Даути, директорка на градинката „Младост“.

Увид во досега сработеното направи и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, според која оваа голема инвестиција ќе придонесе многу и за зголемување на енергетската ефикасност, како и за намалување на трошоците за оваа институција.
– Она што сакам да го истакнам е дека пред неколку години, кога ја зедовме на управување оваа институција, имавме долг од три милиони денари, сега веќе немаме. Плус во состојба сме со средства од буџетот и со ребалансите што ни доаѓаат преку дотациите во општината Тетово, исти вакви инвестиции да можеме да реализираме и на други објекти. Важно е сите овие објекти да ги доведеме во уште повисока категорија за подобрување на условите за престојот на децата, но и поради зголемување на енергетската ефикасност – изјави Арифи при нејзината посета на објектот.

Инаку, децата што без згрижени во објектот „Тетекс“, додека трае реконструкцијата, се префрлени во просториите на другите градинки во Тетово.