Фото: Васка М. Младеновска

По повеќе од еден век од изградбата попушти мостот кај Безистенот. Откако пред извесно време почна санацијата на ударните дупки, се појави сериозен проблем со носачите на мостот, по што градежните работи веднаш беа прекинати. Опасноста е особено голема за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Новата локална самоуправа, уште првиот работен ден пристапи кон решавање на проблемот, а превентивно ќе се провери состојбата и на сите мостови на реката Драгор. Последниот податок за безбедноста на мостовите е стар повеќе од 40 години.

– На само една недела од преземањето на градоначалничката функција, соочени сме со проблем кој е резултат на долгогодишна негрижа. Во овој случај, последица на таквата ситуација е Мостот кај Безистенот, каде при интервенција во рамките на тековното одржување на улиците од страна на КЈП Нискоградба, констатирано е сериозно оштетување на омега носачите, кои се наоѓаат под коловозната конструкција, поради што санацијата веднаш е запрена. Извршено е демонтирање на носачите и побарана е асистенција од СВР Битола за регулирање на сообраќајот. Во завршна фаза е и изготвувањето на проектот за времен режим на сообраќај, со цел растоварување на сообраќајот во централното градско јадро. За жал, се соочивме со воопшто нетретирано прашање во однос на состојбата со мостовите, а поради тоа и неподготвена проектна документација, што претставува дополнителна отежнувачка околност.

Локалната самоуправа уверува дека ги преземала потребните координативни мерки со вклучување на сите стручни служби за навремено постапување.

– Со оглед на тоа што е потребно градежните активности да се изведат во Старото градско јадро, кое е заштитено подрачје, а пред нас е зимски период, како локална самоуправа ги презедовме потребните координативни мерки со вклучување на сите стручни служби за навремено постапување, имајќи ја предвид безбедноста на движењето на граѓаните, како и законската регулатива. Денес, од страна на градежниот
факултет, веќе се вршат потребните испитувања, кои се од особена важност за изготвување на проектната документација, а во постапката, согласно закон, ќе бидат вклучени и НУ Завод и Музеј и Управата за заштита на културното наследство, до целосно комплетирање на докоментацијата и обезбедување на одобрение од Министерството за транспорт и врски. Имајќи ги предвид наведените околности, ги замолувам граѓаните за трпение и разбирање до целосно завршување на инфраструктурните зафати, за што сме максимално ангажирани. За да не се повтори ваквата ситуација и на други места на коритото на реката Драгор, преземени се конкретни мерки со кои во програмата за 2022 година, предвидена е ревизија на мостовите, која не е направена 40 години. Со ревизијата, ќе се изврши потребната евалуација на мостовите од кои некои, како во конкретниот случај, се постари од еден век. На тој начин, зависно од состојбата во која се наоѓаат, ќе се изработат и реализираат проекти за реконструкција, со цел да не се повтори во иднина опасност од вакви размери – изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски. М.М.