Конечно кавадарчани ќе добијат современ и покриен зелен пазар кој отпочна да се гради на истата локација во централното градско подрачје. На ова иста локација пазарот функционира повеќе од шест децении, меѓутоа со зголемувањето на бројот на жители се повеќе се зголемуваше бројот на тезгите, а се отежнуваше пристапот и дотурот на стока.

Со новиот проект изготвен од „Дизајн центар инженеринг“ пазарот ќе има две нивоа за паркирање со вкупно 128 паркинг места и едно ниво за продажба на свежи зелени производи како и производи кои бараат посебни услови.

Во функционална смисла објектот ја задржува својата намена која се збогатува со дополнителни содржини. Најважна и една од клучните новини е сообраќајниот пристап до пазарот од источната страна односно од улицата „Зелен пазар“ на потегот од спојот на улицата „Цано Поп-Ристов“ до спојот со улицата „7-ми Септември“ која сега ќе се трансформира од пешачка во улица со моторен сообраќај. Оваа улица ќе ја има функцијата за пристап до објектот, како и за дотур на производи. Во новиот проект предвидена е и изградба на санитарни јазли за продавачите и потрошувачите.

Продажниот простор на новиот современ пазар се предвидува на нивото над приземјето покриен со челична настрешница кој ќе служи за поставување на мобилни тезги за продажба на зелени производи (зеленчук, сезонско и јужно овошје, цвеќе, чај и зачини), а како посебен дел пунктови каде ќе се продаваат производи кои бараат посебни услови како месо, риба, млечни производи, јајца маслинки и друго.

Освен околните паркинг места кои се многу близу до пазарот со новиот проект се овозможува во исто време на пазарот да може да се паркираат 128 лесни автомобили каде ќе бидат означени и паркинг места за лица со посебни потреби. Вертикалната поврзаност на трите нивоа на зелениот пазар е предвидена со скали, товарен лифт за достава на стока и помал лифт за луѓе. Општина Кавадарци за изградба на објектот ќе инвестира повеќе од 102.600.000 денари.

Напоредно со стартот на изградбата на новиот покриен зелен пазар започна со работа новиот зелен пазар на нова локација на булевар „Никола Минчев“. Пазарот ги има сите услови како и простор за паркирање па предвидено е по пуштањето во функција на реновираниот пазар, односно по седум месеци, овој пазар да продолжи со работа. Ми.М.