На 77-годишна возраст вчера почина професор доктор Виктор Трајковски, роден тетовец, кој со децении живеел и работел во Шведска.

Виктор Трајковски во 1964 година на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје завршил земјоделско-шумарски факултет. Потоа во 1968 година во Шведска, завршува факултет по генетика. Научните звања подоцна ги стекнува, исто така, на универзитетите во Шведска.

Како доктор на науки, предаваше на универзитетот Лунд во Шведска. Во долгогодишната кариера како научник станал директор на Институтот за развој на овоштарство во Скандинавија кој ги опфаќа Шведска, Данска, Норвешка, Финска и Исланд. Исто така бил член на Академијата на земјоделски науки на Шведска.

Во 2002 година, ТВ Кисс од Тетово изработи документарна емисија насловена „Тетовец
академик на Шведска“, проект реализиран преку Советот за радиодифузија од средства за радиодифузна такса наменети за програми од јавен интерес.

А.С.