ГЕВГЕЛИЈА

Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, повторно упати апел до сите граѓани и правни субјекти за почитување на заштитните мерки против ковид-19, по влошената епидемиолошка состојба во oпштината и растечкиот број на новозаболени лица. Инаку, ако се споредат бројките на лица што бараат работа, во 2020-та бројот на лица што бараат работа се зголемил за 144 отсто споредено со 2019 година.
– Состојбата е многу лоша, бидејќи бројот на новозаболени последниве денови е речиси ист како за целата измината година. Во прв ред, поради недисциплинираното однесување и почитување на заштитните мерки, пред сѐ од младата популација. Речиси сите кафулиња се казнети поради непочитување на пропишаната дистанца на седење со протоколите за работа. Контролите на патролните екипи формирани од Општинскиот штаб за заштита и спасување покажаа дека заштитните мерки и дистанца не се почитуваат и пред некои супермаркети имаме групирања во туристичките места и на јавни места – вели Поцков.

Според него, ваквата недисциплина е на штета на здравјето на граѓаните, а за тоа најдобра потврда е преполната модуларна болница со хоспитализирани и дневниот ковид-центар со пациенти со дневна терапија.
– Но уште полошо е што недостигаат здравствени работници, бидејќи некои се заболени или, пак, се во изолација. Затоа апелирам состојбата да се сфати најсериозно, а пред сѐ фактот дека заштитните мерки мора да се спроведуваат – додаде тој.
Недисциплината, според градоначалникот, е на штета и на локалната економија, имајќи ја предвид нејзината зависност од прекуграничниот промет.
– Затворањето на грчката граница предизвика затворање делови од хотел-казината, конфекциски погони, стоматолошки ординации и други услужни дејности. До крајот на 2020 година, според статистиката на Агенцијата за вработување, за регионот што го покрива, вклучувајќи ги општините Гевгелија, Богданци и Дојран, евидентирани се 2.116 лица што бараат работа. Од вкупната бројка, 200 лица се од Дојран, 480 од Богданци, а другите 1.436 лица се од Гевгелија. Споредбено со 2019 година, во 2020 бројот на лица што бараат работа се зголемил за 144 отсто. Отвореноста на границата е единствениот излез за заздравување на локалната економија, а тоа зависи од епидемиолошката слика кај нас и кај соседите – нагласи Поцков.