фотографии: Зоран Антоски

Во организација на Здружението на родители на деца со посебни потреби „Надеж“ од Кичево, вчера беше спроведен проектот „Поттикнување и промоција на културното и ликовно творештво од децата со посебни потреби“.

Тие во текот на реализацијата на проектот, најпрво го посетија музејот „Западна Македонија во НОВ“, каде од страна на кустосот во музејот Гоце Вељаноски беа запознаени со дејноста што ја обавува музејот, што всушност тој претставува и од каков вид е истиот. Потоа децата ја посетија градската библиотека „Кочо Рацин“, каде од страна на вработена библиотекарка добија повеќе информации за историографијата на библиотеката и што е нејзината основна дејност. Третата активност беше спроведена во кино-салата од Центарот за култура, каде што децата со посебни потреби проследија повеќе цртани филмови, кои со полно внимание беа гледани од нивна страна. Завршната активност од денешното дружење беше спроведена во ликовниот клуб, каде овие деца со помош на нивни родители и придружници изработуваа цртежи по сопствен избор.

– Проектот „Поттикнување и промоција на културното и ликовно творештво од децата со посебни потреби“ го организиравме со цел и тие да бидат запознаени со повеќе установи и институции кои функционираат во нашиот град, истовремено да се социјализираат и заедно да поминат дел од денот. Во тој поглед беше посетен музејот „Западна Македонија во НОВ“, градската библиотека „Кочо Рацин“, за децата од оваа категорија, во кино-салата беа прикажани повеќе цртани филмови, кои со голем интерес беа проследени од нивна страна и на крајот тие во ликовниот клуб сликаа творби по сопствен избор, со помош на своите родители и придружници. Делата што овие деца ги создадоа во текот на денешната активност, ќе бидат прикажани на изложбата што ќе ја организираме во текот на наредната недела и која ќе има хуманитарен карактер, каде истите ќе бидат понудени на продажба, а парите собрани од оваа аукција ќе бидат наменети за наредни активности на децата со посебни потреби од нашиот град – истакнаа членовите на групата „Надеж“ од Кичево, Горан Нестороски и Славе Китаноски.

З.А.