Во Битола вчера беше отворен Меморијалниот комплекс за жртвите од Првата светска војна, кои ги загубија животите на Македонскиот фронт

Со низа свечености вчера на Француските гробишта во Битола беше отворен Меморијалниот комплекс за жртвите од Првата светска војна, кои ги загубија животите на Македонскиот фронт во 1918 година, кога, според некои податоци, загинаа над 16.000 француски војници. На свеченоста присуствуваа државната секретарка во Министерството за вооружени сили на Франција, Женевиев Дариесек, францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние, министерката за одбрана и заменичка на претседателот на Владата на Македонија, Радмила Шекеринска, и голем број други гости. Сите говорници потсетија на страдањата, не само на војниците на голем број земји од Антантата, учесници во решавачките битки на Македонскиот фронт, туку и на илјадници цивили, главно битолчани.

Откако нагласи дека Франција и Република Македонија се пријателски земји што меѓусебно се почитуваат, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние од Француските гробишта во Битола испрати пораки и за мир и простување.
– Денес кога се сеќаваме на сите француски војници што ги загубија животите пред сто години на фронтот во Битола, испраќаме пораки за мир и ветување дека никогаш нема да ги заборавиме заедничките страдања, не само на францускиот туку и на македонскиот народ, што се случиле во минатото на овие простори – истакна амбасадорот Тимоние.
На овој фронт се бореле околу 300 илјади француски војници. Речиси 16.000 војници ги оставиле животите на фронтот, од кои 10.000 се без име.
– Отворањето на овој комплекс има голема симболика, а преку портретите на војниците, познати и непознати, сите браќа во победа, како и во несреќа, тие станаа дел од француската историја што ја одбележуваме – рече државната секретарка на Франција, Дариесек.

Обраќајќи им се на присутните, министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, истакна дека Првата светска војна е неодминлива тема во Република Македонија.
– Морис, Луи, Жан, Мухамед, Петко, Стојан, Трајанка, Исмет, Жаклин… и милиони други знајни и незнајни загинати мажи, жени, деца заслужуваат достоен спомен. Драго ми е што, почнувајќи од 2014 година, заеднички ја одбележуваме стогодишнината од настаните на Македонскиот фронт. И тогаш и сега Република Македонија и Франција се на иста страна, на страната на правдата, еднаквоста, слободата, човештвото – истакна Шекеринска.
Таа додаде дека на територијата на Република Македонија денес покрај илјадниците воени гробови се наоѓаат и голем број материјални остатоци од фронтовските линии, воени објекти.

– Тие се потсетници дека пред еден век тука војувале над еден милион војници од сите нации и вери, а Битола бил меѓу најбомбардираните и најразурнатите градови во Европа со голем број цивилни жртви – потсети министерката.
За своите страдања и херојството во војната, Битола, а со тоа и нејзините граѓани, во 1923 година се стекнаа со военото одликување на Франција – „Воен крст со плама“. Во редовите на сојузничките армии на Антантата во Македонија под француска команда војувале и голем број Македонци, за што сведочат голем број фотографии од воените архиви и семејни албуми, напишани мемоари и пренесени сеќавања за заедничките борби, за споделување на доброто и на злото во военото секојдневие, но и за заедничкиот придонес на војниците од Македонија и од Франција за завршувањето на Првата светска војна.


Дариесек: Нон пејперот е работен документ без официјална важност

Присуството на државната секретарка во Министерството за вооружени сили на Република Франција, Женевиев Дариесек, новинарите го искористија за да побараат објаснување за таканаречениот нон пејпер на Франција и Холандија, во кој се наведува дека Македонија и Албанија не успеале да ги исполнат ветените реформи и поради тоа двете земји не треба да добијат датум за преговори со Европската Унија, а за кој пред неколку денови беше информирана овдешната јавност.
– Да се зборува за еден работен документ што нема никаква официјална важност, а јас знам дека во последно време се пишуваше низ медиумите за него, е навистина нешто што допрва ќе треба да се разгледува и затоа треба кон крајот на јуни да размислиме за стигнување до вашата конечна цел. Знам дека беше направена огромна работа, ви претстои уште и свесни сме за напредокот што го постигна државата – одговори Дариесек.
И од министерката за одбрана и вицепремиерка Радмила Шекеринска беше побарана изјава во врска со преговорите за решавање на спорот за името со Грција.
– Во моментот сме фокусирани на решение, на шанса за нашата држава, и нема да дозволиме невнимание тоа да го уништи. Двајцата министри договорија рамка, која сметаме дека ќе биде добро решение за Македонија и за Грција и ќе биде добра вест за целиот регион. Остануваат последните чекори и тие се еднакво важни и честопати дури и потешки. Очекуваме двата премиери да разговараат за сите детали и во кратко време, доколку има понатамошен напредок, да имаат и заедничка средба – објасни Шекеринска.

Државната секретарка за вооружени сили на Франција, Женевиев Дариесек и вицепремиерката Радмила Шекеринска
Фото: Васка М. Младеновска