Фото: Зоран Антоски

Последните врнежи од дожд, кои со нетрпение ги очекуваа жителите од кичевско-прилепскиот регион, беа недоволни за да ја подобрат штедроста на изворот Студенчица, од каде со вода за пиење се снабдуваат близу 200.000 жители од седум општини од југозападниот дел од земјава.

За тоа најдобра потврда е натамошното опаѓање на штедроста на изворот и ако во наредните 15-тина дена нема нови врнежи од дожд, ќе биде срушен негативниот рекорд на најмала штедрост на изворот Студенчица, забележан од почетокот на работа на овој водоснабдителен систем пред повеќе од три децении.

– За жал нашите надежи и очекувања, дека сепак природата ќе подаде рака и ќе ни  донесе пообилни врнежи од дожд не се остварија и, токму како последица од недоволните врнежи, продолжува намалувањето на штедроста на изворот Студенчица, каде денес беа измерени само 480 литри вода во секунда, со што се приближува кон негативниот рекорд, забележан последните неколку децении. За вистинско подобрување на хидрологијата на изворот  неопходни се поинтензивни и подолготрајни врнежи од дожд, кои ќе придонесат штедроста да се зголеми и да престанат нашите грижи околу можната водена криза. Да очекуваме дека блиските прогнози на метеоролозите ќе се остварат, ќе имаме пообиолни врнежи од дожд, со што и бројките ќе одат по нагорна линија. Но најдобро од сѐ е во текот на зимата да имаме пообилни врнежи од снег кои традиционално ги полнат изворишните делови на овој водоснабдителен систем, што последните неколку години не е случај – информираа од ЈПВ „Студенчица“, Кичево.

И натаму продолжува намалувањето на штедроста за 10-15 литри неделно.