Општините Тетово и Гостивар во соработка со полицијата одлучија привремено да ги користат училишни дворови како паркинг места поради зголемениот број возила со доаѓањето на печалабрите. СВР Тетово соопшти дека како секоја година во овој период од годината, од крајот на јули се до крајот на август се зголемува интензитетот на сообраќајот.

– За да се овозможи нормален и проточен сообраќај, Секторот за внатрешни работи Тетово, во соработка со општините Тетово и Гостивар, како привремени паркинг простори, ќе ги пушти во употреба дворовите на училиштата на местата каде што има зголемена фрекфенција во сообраќајот. Во градското подрачје на Тетово граѓаните нивните возила можат да ги паркират во дворовите на гимназијата ,,Кирил Пејчиновиќ“ кај Шарена Џамија како и кај основното училиште ,,Истикбал“. Во Гостивар, за оваа намена, привремено се ослободени за паркирање дворовите на сите основни и средни училишта, кои се наоѓаат во градот – соопштија од СВР Тетово.

Од таму апелираат до возачите, да ги користат овие привремени паркинг простори, кои се бесплатни и нивните возила да не ги паркираат каде што ќе стигнат. Исто така да ги почитуваат законските правила и прописи во сообраќајот, за да се овозможи нормален и проточен сообраќај. СВР Тетово ги потсетува граѓаните дека казните за погрешно и непрописно паркирање се движат од 20 до 180 евра во денарска противвредност или порамнување со негативни поени. А.С.