БИТОЛА

Поплавите во Битолско и во Пелагонија по сѐ изгледа дека се минато. И покрај тоа што во изминатиот период Битола и Пелагонија ги зафати силно невреме, проследено со големи врнежи од дожд и деновиве со снег, освен некои мали излевања на реките кај селата Породин, Лажец, Жабени и Велушина, во другиот дел на Пелагонија и Битолско Поле не се направија речиси никакви други штети, а немаше ни поплави на земјоделските површини. Тоа се должи пред сѐ на активностите што ги имаше јавното претпријатие „Битолско поле“, подружница Битола, кое работи во составот на Водостопанство, кое во изминатиот период темелно и детално ги исчисти каналите од деталната каналска мрежа во Битолско и во Пелагонија.
Со таквото генерално и детално чистење се покажа дека доколку каналите навреме се исчистат и се одржуваат, не треба да има страв од поплави, дури и кога ќе паднат поголеми количества дожд. Според првиот човек на „Битолско поле“, Стојан Георгиевски, во изминатите три години ова јавно претпријатие темелно исчисти над 300 километри канали во Пелагонија.
– Нашата активност за редовно чистење на каналите ги дадоа резултатите. За изминатите три години исчистивме над 300 километри канали низ Пелагонија во општините Битола, Новаци и Могила. По овие дождови, кои паднаа во изминатите денови, единствените места каде што имавме поплави беа во Породин и во селата Лажец, Жабени и Велушина, но тоа неа беа некои големи поплави – изјави Георгиевски.

Последните поплави што ги зафатија Битола и Пелагонија покажаа дека единствен спас од поплавите е само во редовното чистење и одржување на каналите и речните водотеци. Тоа најдобро се виде со излевањето на реката Драгор, која во последно време на некои несовесни битолчани им служеше како депонија за „складирање“ смет и шут.
Инаку, во последните три години Општина Битола одвоила доста значајни средства за чистење на каналите во Пелагонија и населените места Буково, Логоварди, каналската мрежа кон Долно Српци и Доленци, селото Лавци и сега во селото Крклино. Само во рамките на овие активности, исчистени се канали со вкупна должина од околу шест километри.
Активностите се насочени кон заштита од поплави, односно заштита на имотот и безбедноста на жителите, претежно во руралниот дел од општината, со што се покажа дека локалната самоуправа води грижа за сите граѓани на нејзината територија, без разлика дали се во руралниот или во урбаниот дел од општината.
Акционерското друштво Водостопанство, подружница „Битолско поле“, пак, изминатите три години, интервенирало во селата Лажец, Бистрица, Олевени, Барешани, Црнобуки, Егри, на реката Шемница и секаде онаму каде што било повикано. Во неколку наврати, по повик на жители, е чистен и петтиот канал што поминува низ селото Кравари.

Заедно, Општина Битола и „Битолско поле“, само во подрачјето што го опфаќа општината Битола исчистиле околу 200 километри канали, велат од локалната самоуправа на Битола.
И покрај тоа што во овој момент во голема мера се исчистени каналите во Битолско Поле и во Пелагонија, сепак од Општина Битола апелираат жителите да се грижат за одржување на каналите и тие да не бидат грижа само на јавното претпријатие, туку и тие да се грижат за нивното одржување, зашто тоа пред сѐ е во нивни интерес, а особено во интерес на земјоделците.