Одделението за анализа при СВР Тетово бележи 5.791 прекршок за три месеци во 2018 година кои полицајците ги констатирале како сообраќајна недисциплина на патиштата и улиците во Тетово, Гостивар и над сто рурални населени места. Од тие 3.924 се евидентирани во редовни, акциски и засилени контролни активности.

-Откриените прекршоци заокружени се со 2109 прекршочни, 3682 мандатни платни налози и со 928 впишувања на негативни поени, по барање на возачите-прекршители. Покрај ова, во периодот за кој станува збор изготвени се и 2854 барања за поведување на прекршочна постапка – вели Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.

Според анализата во сообраќајните прекршоци годинава, учествувале вкупно 3.854 сторители, кои најчесто возеле пребрзо или не ги почитувале другите сообраќајни правила.

-Дури 251 од прекршоците биле неприлагодување на брзината според условите на патот, 34 недржење страна, 24 непочитување првенство и така натаму, со напомена дека брзината и оваа година е причина број еден за сообраќајни несреќи со најтешки последици. Можеме да констатираме дека сообраќајната недисциплина на поширокото полошко подрачје продолжува и во првите три месеци од годинава – рече Јосифовски.

Од Секторот за внатрешни работи Тетово најавуваат дека и во наредниве месеци ќе се спроведуваат планираните контролни активности. Фокус ќе бидат мотоциклистите и нивното однесување во сообраќајот, како и лицата кои управуваат нерегистрирани возила, без положен возачки испит и кои возат со поголема брзина од максимално дозволената во и надвор од населено место.

А.С.