ПРИЛЕП

Инес Ѓорѓиева е второ бебе во семејството Ѓорѓиеви, а е првото бебе родено во новата година во Прилеп. Мајката Ангелка ја родила Инес во прилепската општа болница „Борка Талески“ во Гинеколошко-акушерското одделение.
– На семејството Ѓорѓиеви им го честитам раѓањето на нивното второ дете и на сите ним им посакувам добро здравје. Мајката Ангела и новороденчето се чувствуваат одлично. Драго ми е што е задоволна од условите во болницата и персоналот, поради што сакам да им честитам и да им се заблагодарам на вработените и на стручниот тим од Општата болница за одличната организација, но и за сѐ што прават досега од почетокот на кризата со ковид-19. Уште еднаш, на сите граѓани на Општина Прилеп им ја честитам 2021 година и посакувам таа на сите да ни биде многу посреќна – изјави градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, предавајќи ги подароците што Општина Прилеп ги подготви за првото новороденче во 2021 година.
Д-р Драги Богојески, директор на болницата, кажа дека првото новородено дете се родило тешко 2.950 грама, со одлични витални параметри, како и дека мајката се чувствува одлично.
– Јас им посакувам во понатамошниот живот сѐ најдобро. Сакам да истакнам дека условите во Гинеколошко-акушерското одделение се прекрасни, реновирани се двата оддела и родилните сали и имаме доволно персонал што може да одговори на барањата на граѓаните. Имаме прекрасни луѓе во Гинеколошко-акушерското одделение, кои од сѐ срце им помагаат и учествуваат во лекувањето и негата на пациентите – истакна Богојески.