Дефект на примарна водоводна мрежа, односно на една од главните цевки во Тетово, е причина да нема вода во поголем дел од градот. Јавното комунално претпријатие (ЈКП) од Тетово информира дека во текот на саботата стручните служби утврдиле појава на дефект на цевка Ф-400 на улицата Цветан Димов, во близината на зградата на тетовската полиција. Потоа е прекинато водоснабдувањето и е почнато со санирање на дефектот.
– Прекинот во водоснабдувањето ќе трае до санирањето на дефектот – информираат од ЈКП-Тетово.

Работната организација „Водовод и канализација“ при ЈКП Тетово на 29 јуни информира дека во моментот повеќе од 500 литри вода во секунда изнесува штедроста на планинските извори од кои Тетово се снабдува со вода. Според нивните процени, тоа значи дека во летниот период градот ќе нема проблеми со водоснабдувањето.
– Евентуални поголеми прекини во водоснабдувањето ќе бидат како појавениот дефект на улицата Цветан Димов, каде што има една од главните цевки со кои главно нема поголеми проблеми. Чести дефекти се јавуваат на помали и индивидуални приклучоци поради старост и дотраеност на цевките – изјави Самедин Абедини од „Водовод и канализација“.