Планинарскиот клуб „Јелак“, во соработка со Македонската Православна Црква и Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, в недела организираат планинарско-рекреативна акција по новопоставената „Милениумска патека“ на падините на Сува Гора, по повод јубилејот „1000 години Охридска Архиепископија“.

Патеката е поставена во рамките на низата настани по повод чествувањето на еден милениум постоење на Охридската Архиепископија. Поканети се сите поединци, планинарски клубови и друштва.

– Сите заинтересирани кои ќе дојдат ќе појдат од црквата „Св. Троица“ на падините на
Сува Гора, во атарот на тетовското село Блаце. Турата и завршува во црквата „Св. Мина“ во селото Волковија. Акцијата спаѓа во лесно планинарско-рекреативни тури. Погодна е за почетници, постари планинари, рекреативци и вљубеници во природата со минимум кондиција за движење – изјави Борис Стојановски Цули од планинарскиот клуб Јелак.

Стартот на патеката е на 720 метри надморска височина кај црква „Св. Троица“ во село Блаце и археолошки локалитет „Самовилска вода“ од старохристијанско врем. Тргнувањето со организиран превоз од Тетово, е пред Домот на културата „Иљо Антески-Смок“ в недела во 8 часот, а поаѓањето на колоната од црквата во Блаце е
предвидено во 9 часот.

До 9.45 часот предвидено е пристигнување во црквата „Св. Петка“ во Стенче, додека во 10.30 часот до ранохристијанска базилика, археолошки локалитет „Граиште“, село Стенче. Следуваат дестинациитe: црква „Св. Екатерина“, с.Стенче; црква „Св. Атанасиј“, с.Волковија; црква „Св. Георги Победоносец“, с.Волковија и околу 13:45 пристигнување на целта – црква „Св. Мина“, во село Волковија. Таму е планиран планинарски ручек организиран од Македонската православна црква. Вупната должина на патеката е 8 километри. А.С.