Традиционално за католички Божик, во Кичево и кичевско се враќаат печалбарите кои живеат и работат во западно европските земји. Зголемената фрекфенција на луѓе му даде празничен лик на градот. Интензитетот на сообраќајот е зголемен, додека во локалите и маркетите видливо е зголемен бројот на потрошувачи. Најмногу гости има од Швајцарија, Австрија и Германија, каде се впрочем и најголемиот број на печалбари од овој крај.

– Како и претходните години така и годинава зимскиот одмор го искористивме да се вратиме во земјата, и тука меѓу своите да ја дочекаме Новата година. Времето не послужи, нема врнежи од снег, ниту ниски температури и тоа ни помогна по пат да поминеме без проблеми. Во земјава ќе останеме десетина дена, по што се враќаме назад на редовните обврски – вели Велија, гастрбајтер во Швајцарија.

Сопствениците на локалите во Кичево се задоволни што за празниците ќе имаат зголемен промет и поголема посета на гости.

– Благодарение на нашите печалбари и живоста во нашиот локал од завчера е зголемена. Печалбарите покрај што пијат кафе или сок, тие тука и ручаат или вечераат, што за нас е убава можност да го зголемиме прометот. Овој интензитет на промет ќе трае во наредните десетина дена, до кога печалбарите ќе останат во земјава. Сепак и овие десетина дена се значајни, ако се има во предвид просечниот промет во текот на есента- велат вработените во една пицерија во центарот на Кичево.

З.А.