ПРИЛЕП

Со одлука на членовите на општинскиот совет, повторно ќе се врши надоместување на дел од трошоците на граѓаните за купување велосипеди и клима-уреди – инвертери за годинава. Советниците одлучија да се субвенционираат до 50 отсто од вредноста на грејното тело, но не повеќе од 10.000 денари, како и до 50 отсто од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 5.000 денари во нето-износ по лице/домаќинство. Вкупната сума, која советот ја оддели за таа намена, изнесува 5 милиони денари.
– Со реализација на 339 милиони денари приходи на основниот буџет, не сметајќи го пренесениот вишок на приходи од 2019 година во износ од 134 милиони денари, можеме да бидеме релативно задоволни. Извршувањето на расходите на консолидираниот биланс на буџетот за 2020 година беше во износ од 1 милијарда и 198 милиони денари. Впрочем, 2020 година беше година на реализација на крупни капитални проекти од витално значење за општината – изградбата на мостот на улицата Трајко Николоски, реконструкцијата на дел од булеварот Гоце Делчев и на дел од улицата Прилепски бранители, изградбата и реконструкција на голем број улици и локални патишта во градот и населените места, реконструкцијата на градскиот стадион „Гоце Делчев“, голем број инвестиции во училиштата и градинките – истакна градоначалникот Илија Јованоски.