Во манастирот„Света Пречиста Богородица-Кичевска“, по отслужената Света Златоустова литургија, трета година по ред се изврши Пасхална литија до месноста „Господинец“, каде што од страна на Османлиите биле обезглавени тројцата преподобни маченици, Свети Пајсиј, Свети Аверкиј и Свети Евнувиј, кои во тој период му служеле на манастирот.

За Пасхалната литија беше изнесена и чудотворната икона попозната како Крнинска икона. На овој чин како и на Светата Златоустова литургија присуствуваа голем број верници од Кичево и соседните градови, а Пасхалната литија ја предводеа игуменот отец Партениј, како и повеќе свештеници од Дебарско-Кичевската епархија, претставници од монашкото сестринство од манастирот Рајчица и монашкото братство од манастирот„ Свети Јован Бигорски“.

– Ова е трета година по ред откако во манастирот „Света Пречиста Богородица-Кичевска“ се организира Пасхална литија, во чест и слава на тројцата Преподобни маченици, монаси од овој манастир, кои биле обезглавени од страна на Османлиите. Настанот се случил во 1558 година во месноста Господинец, а во 2012 година тројцата монаси Свети Пајсиј, Свети Евнувиј и Свети Аверкиј беа прогласени за свети, што беше за првпат извршено прогласување за свети, после подолг период во Македонската православна црква. Оваа Пасхална литија од нејзиното прво организирање во 2017 година станува традиција, која е придружувана од голем број верници од сите генерации и средини во земјава – рече Бошко Сарафилоски, верник и помагател од Кичево.