Атина – Грчката претседателка Катерина Сакеларопулос изјави дека се залага за задолжително вакцинирање против ковид-19, зашто Уставот никому не му дава право да загрозува други. Сакеларопулос, која е високорангирана судијка, дискутираше за оваа тема на средбата со премиерот Мицотакис.
– Надвор од заштитата на јавното здравје, Уставот на ниеден начин не го признава правото да се загрозуваат животот и здравјето на други. Оттука, слободниот избор е ограничен со правата на другите – изјави Сакеларопулос. (МИА)

Софија – Извршниот директор на бугарската агенција за лекови, Богдан Кирилов, изјави дека властите во државата разговараат за донирање вакцини за Македонија.
– Таква беше стратегијата на ЕК, да склучува договори со поголем број производители, за да може да се минимизираат ризиците поврзани со производството. Владата преговара со разни земји. Знам за договори со Северна Македонија. Начинот на кој треба да се случи тоа се дискутира и со ЕК. Во оваа фаза се коментира за донација, но се разгледуваат и можностите за препродажба – рече Кирилов. (БТВ)

Приштина – Националниот институт за јавно здравство на Косово објави дека во земјата е потврден првиот случај на лице заразено од таканаречената африканска варијанта на ковид-19. Во соопштението на институтот се наведува дека пациентот е хоспитализиран на Инфективната клиника во Приштина, а ќе се испитуваат и неговите контакти за идентификување на евентуалните други случаи заразени од тој вид на коронавирусот. („Алсат“)


Бисер балкански

Проширување со прашалник

– Носењето билатерални прашања во процесот на пристапување кон ЕУ сериозно го доведува под знак прашалник кредибилитетот на процесот на проширување за целиот регион – вели поранешниот министер за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, во интервју за Независната балканска новинска агенција (ИБНА).
Во однос на бугарската блокада и сценаријата за раздвојување на преговарачките процеси на Македонија и Албанија, Бушати се потсетува на дискусиите од пред две години, но и порачува дека е потребна поддршка од соседните земји-членки на ЕУ.
– Иако, теоретски гледано, процесот на проширување се базира на т.н. „принцип на регата“, оваа дебата беше доста присутна пред две години, каде што имаше гласови што поддржуваа побрз процес на пристапување на Македонија во ЕУ. Сега имаме потенцијално спротивно сценарио, одвојување на Албанија од Македонија.