Оштетени новите канделабри и извадени патоказите на Китиното кале

Не поминаа ни две лета откако беа поставени новите канделабри на Китиното кале и повторно оваа парк шума во центарот на Кичево блесна со нов сјај. Но желбите на локалната самоуправа не ги делат и поединци и групи од градот, кои не само што не ги интересира убавината на градот, туку како да имаат намера се убаво што се создава во градот, за час да се упропасти и да стане неупотребливо.

Така и новите канделабри ги снајде истата судбина како и претходните светилки. Поголемиот дел од светилките се искршени, а на сите канделабри се извадени капаците и во поголем дел и осигурувачите, по што овие отворени места под висок напон, се вистинска закана за љубопитните граѓани и децата. Покрај канделабрите извадени се и  патоказите поставени од група ентузијасти од градот.

– Тамам нашето кале повторно беше целосно осветлено, сепак неодговорните граѓани за час ги упропастија новите светилки и така денес поголемиот дел од нив не светат, а на сите канделабри се украдени капаците со што истите претставуваат потенцијална опасност за недолжните граѓани и децата. Не знаеме до кога ќе се толерира ваквиот однос на нашите сограѓани или треба некој да плати со глава, па сите да се свестат дека ова што го чинат не е за ничие добро. Истото ги снајде и патоказите кои беа поставени на Китиното кале од наша страна, и кои по година и пол ги нема на местата каде што беа поставени – истакнаа активистите кои ги поставија патоказите на Китиното кале. З.А.