Агенцијата за храна и ветеринарство ја потврди појавата на болеста син јазик кај 12 грла овци во две одгледувалишта – во село Грешница (општина Македонски Брод) и во село Свињиште (општина Кичево), откако претходно беше пријавено од надлежно ветеринарно друштво за сомнеж на болеста кај овци и кози на територија на двете општини.

АХВ спроведе епидемиолошко испитување во овие региони, при што беа земени примероци од сомнителните животни и извршени лабораториски испитувања од страна на Факултетот за ветеринарна медицина.

Сточарите на кои ќе им бидат одземени животните кај кои ќе биде потврдено присуство на болеста ќе бидат обесштетени. Официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе бидат присутни на терен и ќе ја следат состојбата со болеста во овие региони.

Стручните служби на АХВ ветеринарство ја пријавија болеста во Системот за нотификација на болестите кај животните на Европската унија (ADNS) и во WAHIS системот на Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ.

Болеста син јазик не е зооноза односно таа не се пренесува и не е опасна за луѓето но, сепак, не треба да се консумира месо од заболено животно. Станува збор за вирусно заболување кај домашните и дивите преживари (овци, кози и говеда). Синиот јазик се пренесува единствено преку каснување од инсекти (мушички) од видот Culicoides, во периодот на нивна активност (април- ноември), особено во услови на висока температура и влажност. Болеста не се пренесува од животно на животно, преку контакт.

Во нашата земја, присуството на болеста е последен пат евидентиран во 2015 година.