На улицата „Рузвелтова“ кај поштата во Битола денеска се откорна и падна една канделабра. Овој инцидент предизвика револт кај битолчани, кои на социјалните мрежи бурно реагираа и коментираа дека улицата не е квалитетно реконструирана. По инциндетот за паѓањето на канделабрата се огласија и од Општината Битола.

– Реконтструкицијата на улицата „Рузвелтова“ сѐ уште е во тек, поради што изведувачот не ја предал на Општината. Се до официјалното примање на објектот, за тековната состојба на терен одговорноста ја носи изведувачот. Веќе е побарана одговорност и
образложение од изведувачот на осветлението, за несоодветната прицврстеност на канделабрите. Општина Битола апелира до изведувачите дека во ниту еден случај при изведување на градежните работи, не смее да биде загрозена безбедноста на граѓаните. Од Општина додаваат дека по овој немил настан ќе ги преземат сите потребни законски чекори да се утврди одговорноста на изведувачот – се наведува во соопштението
од Општина Битола.

На ваквата изјава реагираа околните дуќанџии кои се прашуваат зошто улицата не е затворена за пешаците до завршувањето на нејзината реконструкција. М.М.