Претпладнево во Битола свечено беше отворено 39 издание на „Малиот битолски Монмартр“.

Свеченото отворање на детската ликовна колонија помина без познатиот детски џагор на децата од цел свет.

Поради пандемијата со коронавирусот, на свеченото отворање во Битола не допатуваа децата од целиот свет како што е вообичаена традиција на колонијата, а го немаше ни идејниот творец Коста Хаџи-Антоновски, кој поради здравствени причини не дојде на свеченото отворање.

– Жално е, биотолските улици нема да бидат насликани, градот нема да биде преполн со дечиња. Но, такви се околностите. Затоа отворањето ќе биде сведено само на доделување на наградата Гран При за ученичката Марија Дима од Букурешт, Романија. На конкурсот пристигнаа над 15.000 творби, стручното жири ги одреди наградите,  потоа се појави болеста и годинава останавме без гости. Но, затоа ја имаме светската изложба, 39. по ред и изложени се 717 дела од млади ликовни творци ширум светот – рече Елена Хаџи-Антоновска од Детското ликовно студио во Битола.
– По 39. пат го одбележуваме Монмартр, манифестација исклучително важна за нашиот град. Манифестација која ја отвора Битола пред светот и светот го носи во Битола. Самиот број на цртежи кој е пристигнат и оваа година, само потврдува дека во својата традиција продолжува фестивалот да се одвива. За жал оваа година ќе го немаме џагорот на децата по нашите сокаци, но ја имаме нивната душа и дел од нивните срца во детските цртежи – рече градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

На денешната свеченост „Гран При“ наградата, која ја освои ученичката Марија Дима од Букурешт, поради актуелната состојба со коронавирусот му беше врачена на романскиот почесен конзул во Битола, Александрас Мамакис, кој  преку Романската амбасада ќе ѝ ја испрати наградата на ученичката.

– Големо задоволство и чест е ова, преку Романската амбасада ќе биде испратена во Романија, а во исто време бидејќи се совпаѓа со националниот ден на Романија – рече конзулот Мамакис.

М.М.