Фото: Зоран Антоски

Утрешното одбележување на првото ослободување на првоослободениот град во земјава за време на Втората светска војна – Кичево, годинава ќе помине без традиционалното подигање на знамето на ослободителите на градот, Кичевско-Мавровскиот партизански одред, кое се вее на јарболот пред музејот на Западна Македонија во НОВ и кое на јарболот останува 21 ден, колку што траела првоослободената територија во Македонија.

Причина за прекин на оваа традиција е исчезнувањето на знамето минатата година, и негов нестанок од јарболот пред музејот.

– По изминувањето на 21 ден, периодот колку што траела и првоослободената територија во Македонија во времето на НОВ, бевме подготвени да го спуштиме знамето од јарболот и да го вратиме во музејот, но останавме непријатно изненадени бидејќи знамето го немаше на јарболот, а причините за неговото исчезнување до денес се непознати. Откако ја утврдивме фактичката состојба, се обративме и до полицијата и ја известивме дека го нема знамето на јарболот пред музејот, за и тие да се погрижат да биде пронајдено и вратено во установата, каде се наоѓа со децении. За жал до денес знамето не е пронајдено и тоа ќе биде причина годинава да нема церемонија на подигање на ова знаме, на јарболот пред музејот во нашиот град – вели Зоран Стефаноски од Здружението на Сојузот на борците од Кичево. З.А.