Наспроти денот на одбележување на патронот на Кичевскиот храм „ Свети Апостоли Петар и Павле“, Петровден, беше отслужена вечерна богослужба од страна на архиереите од Кичевското архиерејско намесништво. Потоа беше извршен чинот на осветување на литиската икона дело на зографот Илчо Ѓорески од Кичево, додека рамката за иконата ја изработи кичевскиот копаничар- резбар, Марјан Тренески.

-Со вечерашниот чин на осветување на литиската икона и официјално се отвора можноста за денот на храмот Петровден, да организираме литија која се надеваме дека ќе се случи во наредните неколку години. Инаку иконата е дело на кичевскиот зограф Илчо Ѓорески, изработена е во Византиски стил и според вообичаените зографски традиции таа е со димензија 105-75. Ќе биде поставена во црковниот храм а ќе послужи како главна црковна икона за идната литијата- истакна старешината на црквата Александар Матески.

Тој додаде дека, народот во нашиот град треба да се привикне да ја види иконата, а верниците кога доаѓаат во храмот да ја препознаваат литиската икона и ако нешто не се промени, со Господ напред за неколку години ќе имаме и литија и во нашиот град. Оваа икона има посебно значење и затоа нејзините димензии се поголеми за разлика од останатите икони во храмот.

З.А.