СКОПЈЕ

Климатските промени треба да се приоритет за сите институции, како и за целата заедница, порача министерот за локална самоуправа Горан Милевски, на конференцијата „Да зборуваме за климатските промени“ на темата „Можности за попаметно греење“, во организација на „Екосвест“, „ЦНВП Македонија“ и ДЕМ.
– Апелирам институциите, државни и приватни, како и секој граѓанин директно да се вклучат во можностите алтернативни решенија. Потребно е подобрување на состојбите со загадување на воздухот поради загревање на домовите на некои локации во земјава, како и идентификување на можните поддржувачи на промената кон почисти и климатски поповолни опции преку интерактивна онлајн работа. Затоа ги охрабрувам сите општини и граѓани што имаат идеи и проекти што се во фокус на загревање на домовите во принципот старо за ново паметно да ги искористат, на општините во своите идни програми и заложби да им биде приоритет, а граѓаните што повеќе да аплицираат за можностите што се нудат – порача Милевски.

Тој потсети дека преку Министерството за локална самоуправа изминатата недела во Собранието се донесе десетгодишната Стратегијата за регионален развој 2021-2031 година, во која особено внимание е посветено на обезбедување кохерентност на целите, приоритетите и мерките со начелата и приоритетите на Европскиот зелен договор и на Зелената агенда за Западен Балкан, чија стратегиска цел е да ја направи економијата на ЕУ и на Западен Балкан одржлива преку трансформација на климатските и еколошки предизвици во можности, и праведна транзиција со вклученост на сите.
– Еден пример е Домот на културата во Свети Николе, каде што поставивме систем за греење и ладење, првпат по 30 години. Со реализацијата на овој проект значително е намалена потрошувачката на електрична енергија, а заштедените финансиски средства ќе бидат употребени за дополнително уредување на просторот што сега граѓаните ќе можат да го користат 360 дена во годината – појасни тој.
Тој појасни дека со поддршка на Министерството за локална самоуправа преку буџетската програма за рамномерен регионален развој, како и со поддршка на швајцарската влада се реализирани голем број проекти во осумте плански региони, кои директно ги подобруваат условите за живеење на граѓаните преку користење обновливи извори на енергија, поголеми заштеди, заштита на животната средина, како и преку издигнување на јавната свест.

Исто така во три скопски општини, Центар, Карпош и Кисела Вода, се воспоставени три иновативни екозони каде што се користат обновливи извори на енергија. Се користи сончевата енергија за напојување на паметните клупи, кои имаат сензори за мерење на квалитетот на воздухот и кои обезбедуваат бесплатен интернет.