Фото: Зоран Антоски

Општина Кичево, како една од општините со најголемо аерозагадување во земјава, активно се вклучи во имплементација на проектот за набавка на инвертер клима-уреди на жителите на овој град.

– Преземањето на итни акции за намалување на аерозагадувањето е од најголема важност. Затоа една од клучните мерки против аерозагадувањето е еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните за набавка на инвертер клима-уреди за домаќинствата, за оние кои се греат на дрва или други нееколошки загадувачи. На оваа мерка се одлучивме бидејќи греењето со инвертер клима-уреди е еден од најчистите начини на затоплување на домовите – рече градоначалникот на Општина Кичево Фатмир Дехари на денешната прес-конференција свикана по тој повод.

Тој нагласи, дека општината во овој проект има само советодавна фукција и сите заинтересирани лица за набавка на инвертер клима уреди, можат да се обратат до лицата задолжени за оваа проблематика, кои исцрпно ќе ги информираат за условите под кои можат да ги набават истите.

– Бидејќи Кичево е еден од четирите најзагадени градови во земјава, активно се вклучува првата фаза од спроведувањето на оваа мерка. Дехари додаде дека субвенционирањето ќе се однесува на оние домаќинства што користат енергетски неефикасни уреди за греење, со што придонесуваат за зголемување на концентрација на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички, поточно оние домаќинства што користат тврдо гориво како, дрво, јаглен или фосилни горива со висока емисија на штетни материи. Компаративната анализа на вкупните трошоци за греење на стан од 60 метри квадратни потврдува дека греење со инверетер е најисплатливо и најевтино, споредено со дрва, пелети, нафта, панел радијатори и друго – додаде Дехари и потсети дека во Кичево 800 домаќинства ќе добијат инвертер клима-уреди, и секое семејство опфатено со оваа мерка ќе располага со 1.000 евра, што е сосема доволно за набавка на ефикасен уред.

Во овој проект АД ЕСМ ќе вложи 10.000.000 евра за негова целосна имплементација.