Локалната самоуправа во Гостивар определи локација на која ќе се продава добитокот за претстојниот празник Курбан Бајрам во градот. Сточарите и сопствениците на добиток, како продажно место без надоместок ќе може да го користат паркингот на големиот градски пазар.

Од општина Гостивар наведуваат дека со оваа мерка сакаат да се придонесе кон поголема чистота и ставење во ред на продажбата на курбани.

– Во соработка со претпријатието „Прогрес пазари”, како локација за продажба на бајрамските курбани, како локација го определивме паркингот на големиот градски пазар од страната на улица „Беличица“. Наведената  локација може да се користи бесплатно, а продажбата на курбани вон назначената локација е строго забранета, информираат од општина Гостивар.

Во соопштението се нагласува дека Комуналниот инспекторат ќе биде активен на терен и ќе преземе соодветни мерки против прекршителите на законот за јавна чистота.

Продажбата на добиток во гостиварскиот регион, вообичаено, започнува три-четири дена пред почетокот на славењето на муслиманскиот празник Курбан Бајрам, кој оваа година паѓа на 21 август.