Општина Прилеп, во согласност со програмата за работа во 2020 година, ќе надоместува дел од трошоците на граѓаните за купување инвертори и велосипеди. Јавниот повик на кој ќе можат да аплицираат граѓаните веќе е објавен, а ќе трае до 31 март.

– За подобрување на животната средина и намалување на загадувањето на воздухот, Советот на Општина Прилеп во буџетот за 2020 година предвиде шест милиони денари за субвенционирање инвертори и велосипеди, од кои четири милиони се за купување инвертори, а два за велосипеди. Тоа значи дека на околу 400 семејства ќе им бидат надоместени најмногу до 10.000 денари за набавка на инвертори, а на исто толку семејства за набавените велосипеди ќе им се субвенционираат до 5.000 денари. Се надевам дека со овој повик ќе ги поттикнеме граѓаните да не се греат на дрва, јаглен и нафта и дека помалку ќе ги користат автомобилите, а повеќе велосипедите – вели градоначалникот Илија Јованоски.

Образложувајќи ги условите за учество на јавниот повик, градоначалникот Јованоски рече дека субвенционирањето ќе биде по принципот „прв дојден, прв услужен“, дека барателот за надоместување на дел од трошоците за купување инвертор треба да е сопственик на станбен објект на подрачјето на Општина Прилеп, потоа клима-уредот да го купил по објавувањето на јавниот повик, да има платено данок на имот за 2019 година за станбениот објект каде што ќе се инсталира климата, како и дека на јавниот повик може да учествува само еден член од семејството, кој може да поднесе барање за добивање надоместок исклучиво за набавка на еден инвертор.

Што се однесува до условите за субвенционирање на дел од трошоците за купување велосипеди, потребно е барателот да има живеалиште на подрачјето на Општина Прилеп, велосипедот да го купил по објавување на јавниот повик и да нема искористено субвенција за истата намена од кој било извор во Македонија.