Од почетокот на здравствената криза во Битола се затворени повеќе од 350 фирми, а бројот на невработените лица се зголеми за нови 2.000 лица. Ова го изјави советникот на ВМРО ДПМНЕ, Иванчо Тошевски на вчерашната седница на Советот, на која советниците на опозицијата побараа Општина Битола да понуди предлог-мерки за надминување на неповолната економска состојба.

Според Тошевски исклучително е тешка и здравствената состојба.

-Поради непреземањето на рестриктивни мерки и доцнењето на имунизацијата, ширењето на заразата во Битола достигна до највисоко ниво од 1.070 случаи на 100.000 жители за 14 дена и починати се 250 лица – изјави Тошевски, кој предложи во Битола да се формира ковид-фонд во висина од 50 милиони денари за директна финансиска поддршка на заболените битолчани и стопанството во градот под Пелистер.

Инаку, на седницата на Светот која се одржа онлајн, опозицијата предложи да се донесат мерките за ослободување од фирмарина на занаетчиите и фирмите трговец-поединец, ослободување на закупнина на деловни простории во сопственост на Општината и ослободување на закупнина на градежно земјиште под објект. Но ваквиот предлог-мерки беше одбиен од мнозинството советници на локалната власт М.М.