Прилеп

Еден од тоалетите во општинското основно училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ е приспособен и адаптиран за лицата со посебни потреби, а со средствата обезбедени од организацијата на есенскиот и на велигденскиот панаѓур, се набавени 10 нови ЛЦД-телевизори. Како што истакна директорката на ова училиште, Кети Стевананџија, ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп оствари дел од целите во годишната програма.
– Со новиот закон за основно образование, а со намера за подобрување на инклузивната клима, еден од тоалетите го приспособивме за учениците и вработените лица со посебни потреби. Во контекст на истото, во тек е и јавна набавка за изградба на пристапна рампа. Во оваа пригода сакам да им се заблагодарам на сите наши наставници, на учениците и на нивните родители, кои со своите изработки и креации овозможија нашите панаѓури да бидат успешни. Нашето училиште има традиција да организира два панаѓура годишно, и тоа есенскиот под мотото „Здрава храна“ и велигденскиот панаѓур. Финансиските средства што се обезбедија, се наменија за потребите на училиштето. Преку советот на родители, со овие финансиски средства се набавени 10 нови ЛЦД-телевизори, кои ќе бидат поставени во училниците по предметна настава, а со нив нашето училиште ќе биде целосно покриено. Тоа значи дека во секоја училница ќе има уште по едно наставно помагало – истакна директорката Стевананџија.
Истовремено, таа потврди дека училиштето ќе ја продолжи традицијата за ор­­г­анизирање панаѓури, за да се обезбедат средства за набавка на апарати за прочистување на воздухот за сите училници.