Оневозможен е пристапот до Спомен кулата во Кавадарци, која е историско и културно наследство. Вака се пожалија околни жители, реагирајќи на, како што рекоа, постапката на поединци од соседството. 

– Кулата е на сите нас и на посетителите кои доаѓаат да ја видат, па затоа го осудуваме чинот на блокирање на пристапот до објектот – реагираа незадоволни граѓани од централното градско подрачје.

За решавање на овој новонастанатите проблем, се залага и Туристичкото информативно биро, кое е формирано од кавадаречката локална самоуправа и кое има за цел промоција на целокупниот туристички потенцијал на општина Кавадарци.

– Во моментов ја бараме целокупната документација која може да се обезбеди за оваа кула, за да можеме и соодветно да делуваме, да бараме изнаоѓање на излез од новонастанатата ситуација. Затоа што се работи за објект кој и те како е важен во туристичката понуда на градот – рече за МИА Крсте Соколов, вработен во Бирото.

За сево ова веќе е информиран и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

– Соодветните инспекциски служби ќе направат увид на лице место и заедно со Министерството за култура и нашето Туристичко информативно биро, ќе ја заштитиме таа градба – нагласи Јанчев, одговарајќи на нашето новинарско прашање.

Историчарот Петре Камчевски појасни дека се работи за Маркова или Турска кула, која имала одбранбен карактер кога била изградена, во втората половина на 17 век.