Децата со попреченост од 1 февруари ќе добијат образовни и лични асистенти. Во согласност со новиот закон за основно образование, каде што во членот 6 стои: „За учениците со посебни образовни потреби се обезбедуваат соодветни услови за стекнување основно воспитание и образование во редовните и посебните основни училишта и имаат право и на индивидуална помош за стекнување на основното образование и воспитание“, се предвидува вклучување и водење грижа за развојот на учениците со посебни образовни потреби.

Од 1 февруари, во ООУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија ќе има образовен, а во ООУ „Ристо Шуклев“ – Негорци личен асистент. Секој родител што ќе одлучи да побара вакви асистенти, има право да поднесе документација со потпис од двајцата родители во согласност со Законот за основното образование, а документацијата ја доставува до училиштето во кое е запишан ученикот. Во буџетот за 2020 година на Министерството за образование и наука се испланирани средства за обезбедување асистенти за учениците што имаат потреба од нивна помош.

Во соработка со УНДП, од почетокот на учебната 2019/2020 се обезбедени околу 280 асистенти за ученици со попреченост на ниво на државата.