Советниците на општината Прилеп на 39-та седница, со обемен дневен ред од 43 прашања од интерес на граѓаните, донесоа повеќе одлуки значајни за функционирањето на институциите и за изградба на инфраструктура. Имено, покрај финансиските планови на општинските основни и средни училишта, советниците донесоа одлука за ослободување од партиципација на триесетина деца од три до шестгодишна возраст од ромската етничка заедница, за престој во детските градинки на ЈОУДГ „Наша иднина“.

Истовремено, како што велат од општината, едногласно била усвоена и одлуката за измена и дополнување на одлуката за утврдување приоритет на проектите за изградба на секундарна мрежа за фекална канализација во населеното место Мало Коњари, реконструкција на главниот довод од Пашоски ливади, собирна шахта за Прилеп, како и реконструкција на старите градски извори Лековски Извори.

– Денеска донесовме повеќе одлуки што се однесуваат на легализирање бесправно изградени објекти од страна на граѓани на општината Прилеп, измена и дополнување на основниот проект за мрежа за фекална канализација – секундарна мрежа и пречистителна станица во населеното место Мало Коњари, како и на основните проекти за реконструкција на главниот довод од Пашоски ливади, собирна шахта за Прилеп и на старите градски извори Лековски Извори – изјави претседателот на советот на општината Прилеп, Миле Талевски.

На седницата советниците дале позитивно мислење за статутите на основните и средните училишта и за измена на програмата за уредување градежно земјиште на територијата на општината Прилеп.