Фото: Зоран Антоски

Со пригодна свеченост, денес беше одбележан 1 Октомври, денот на погибијата на народниот херој Мирко Милески, чие име го носи општинското средно училиште. По интонирањето на македонската химна од страна на училишниот хор, од страна на боречката организација, АРСМ и училиштето што го носи името на патронот, пред бистата на Мирко Милески во училишниот двор беа положени букети свежо цвеќе.

Една од ученичките од ова училиште, прочита реферат за животот и делото на народниот херој, а пред присутните ученици, гости и професори, за постигнувањата на учениците од ова училиште зборуваше директорката Милка Спасеска. Таа нагласи дека во ова училиште се школуваат близу 900 ученици, кои наставата ја следат на македонски и турски наставен јазик, а резултатите остварени на многу натпреварувања, се најдобра потврда дека во ОСУ „Мирко Милески“ добро се работи и дека овие резултати не се случајни.

– Нашето училиште е отворено за соработка и со локалната заедница, прифаќа соработка со родители. Се трудиме да ги подобриме условите за успешно одвивање на воспитно-образовниот процес, преку соработка со повеќе институции и бизнис-секторот. Минатата учебна година ја одбележаа неколку важни моменти. Заедничката акција со АРСМ и со општината, кога во училишниот двор засадивме 83 садници. Поставени се 57 фотоволтаични панели со помош на Светска банка. Потпишан е меморандум за соработка со комисијата за хартии од вредност, при што ќе бидат организирани повеќе работилници од нивна страна. Завршен е ЕРАЗМУС проектот кој се спроведуваше последните две години – рече меѓу другото директорката Спасеска и ги истакна сите остварувања на учениците од ова училиште на републичките и регионалните натпревари.

На вработените кои заминаа во пензија и кои наполнија 25 година работа во ова училиште, им беа доделени пригодни подароци.

За крај беше организирана и културно-уметничка програма, а волонтерите на Црвениот крст настанот го збогатија со демонстрација на давање прва помош на лица во незгода.