Фото: Васка М. Младеновска

Денеска во Битола, пред споменикот Руски крст, традиционално беше одбележан Денот на руската дипломатија. Пред споменикот, почит изразија амбасадорот на Руската федерација во Македонија, Сергеј Баздникин, претставници од дипломатско-конзуларните претставништва, градоначалниците на пелагониските општини и претставници од општествено-културниот живот на Битола.

На чествувањето беше истакнато дека Русија ќе продолжи и понатаму да води независна повеќевекторска надворешна политика, насочена кон заштитата на националните интереси, зацврстување на безбедноста на земјата, создавање поволни надворешни услови.

-Имаме намера да промовираме позитивна обединувачка агенда. Отворени сме за конструктивна соработка со сите земји кои се подготвени да соработуваат чесно, за изнаоѓање прифатливи компромиси од заемна полза. Подготвени сме за унапредување на пријателските односи со Република Македонија во различни области. Братските народи на нашите две земји се поврзани со блиски духовни и културни врски со повеќевековна историја. Ова е солидна основа за натамошно подобрување на односите за доброто на нашите народи- истакна амбасадорот на Руската федерација во Македонија, Сергеј Баздникин.

Амбасадорот притоа додаде дека отсуството кај некои западни земји на желба да ја прифатат реалноста на полицентричниот свет кој објективно се формира, обидите и понатаму да ја наметнуваат својата волја, доведува до зголемување на како што рече конфликтниот потенцијал, загрозувајќи ја безбедноста, вклучително и нашиот заеднички европски континент.

Денот на Руската дипломатија, осми февруари, се одбележува во руските дипломатски мисии и конзуларни претставништва ширум светот. Меѓу нив е и рускиот императорски конзул во Битола, Александар Ростковски, кој во 1903 година трагично загинал од раката на османлиски војник.

М.М.