Фото: Зоран Антоски

Во нешто поскромно издание поради коронавирусот, денес беше одбележана 77- годишнината од една најкрвавите битки што се одиграле во земјава во Втората светска и каде животот го положиле 67 борци, т.н. „Македонска Кадињача“, битката кај Кленоец. На денешното одбележување, пред споменикот во ова село, букети свежо цвеќе положија претставници од боречката организација од Кичево, претставници на МЗ на село Кленоец и почитувачи на оваа епопеја.

Поради ковид-19, изостана присуството на борците од Гевгелија, кои секоја година на овој ден му оддаваат почит на својот сограѓанин Народниот херој, Јосиф Јосифоски Свештарот, кој загинал во оваа битка, потоа отсуствуваа претставници на боречките организации на Дебарца и Охрид, а не беше организирана ниту културно-уметничка програма. 

– Денес ја одбележуваме 77-годишнината од славната битка кај Кленоец, еден од најтрагичните настани што се случил во овој период од војната на овие простори и во земјава. Наша задача е да ги поттикнуваме и потсетуваме сегашните и идни генерации, да не го заборават овој датум и ова место, и секогаш да им оддаваат почит на сите оние кои со својата храброст ја пишувале нашата бурна историја – рече претседателот на боречката организација од Кичево, Владо Дејаноски.

Инаку, локалната самоуправа на родниот град на Свештарот, Гевгелија, изрази желба и подготвеност да го реновира целиот споменичен комплекс во Кленоец и да постави биста на Јосф Јосифоски, информираа од боречката организација од Кичево. З.А.